Вардар се одбрани од нападот на ГТЦ
Во четвртото коло од Македонската кугларска лига, фаворитите ги прокнижаа очекуваните поени.
Дефинитивно, најинтересен натпревар, беше натпреварот против ГТЦ Мусандра и Вардар 2014 А. Иако Вардар засилен со квалитетни куглари, иако во своите редови го имаат еден од најдобрите македонски куглари, Димитар Димитровски, иако истиот беше и играч на колото со феноменални 613 дрва во Мусандра, Вардар едвај победи со 5:3 и 30 дрва разлика.
Овој факт докажува дека изненадувањето кое ГТЦ го приреди против Пелистер А во првото коло не беше случајно и дека се работи за незгодна екипа која може прилично да го измачи секој противник во македонската лига.

Останатите три натпревари се одиграа во Битола. Девојките од Битола немаа теоретски шанси против Макпетрол А и со максимална разлика од 8:0 загубија исто како и девојките од ГТЦ кои беа гости на Пелистер Б екипата. За издвојување е личниот рекорд на Емилија Переска од Пелистер Пин од 558 дрва.
Натпреварот Пелистер А – Вардар Б беше рутински спроведен во полза на домаќинот Пелистер, но изненади одличната игра на Ивица Петрески кај скопјаните кој освои поен но и беше играч на натпреварот. Поен кај скопјаните зеде и Гиевски.





