Изјава на Игор Михајловски – Претседател на КФСМ


Почитувани куглари, пријатели на куглањето, почитувани новинари и спортска јавност
Во моменти на емоционална исцрпеност ги пишувам овие редови после денешната лична одлука донесена заедно со членовите на Извршниот одбор на КФСМ, одлука која е една од најтешките која сум ја донел во мојот живот, донесена едногласно од сите присутни колеги (Никола Крстев – претставник на Макпетрол, Предраг Николиќ – претставник на ГТЦ Мусандра и поранешен претседател на КФСМ и Игор Михајловски – претставник на Пелистер и претседател на КФСМ).
Се работи за одлука која е крајно непопуларна за најдобрите македонски куглари и кугларки, одлука донесена под притисок на последниот ден за пријавување на Светското сениорско екипно првенство во Вараждин, Хрватска, мај 2023 година. Одлука која вели дека КФСМ нема да ја пријави Македонија на идното светско првенство.
Секако дека една ваква одлука носи лавина од разочараност кај многумина, но мораме да застанеме и да ја погледнеме вистина во очи.
Како што знаете, македонската кугларска федерација е со блокирана сметка веќе една цела деценија и поради тоа не може да функционира нормално т.е. не може да функционира никако. Сите активности и планови во изминатиот период се под знак прашање дали ќе се реализираат или не, скоро е невозможно да се планираат активности на среден, а за долгорочен план и да не зборувам, па група на ентузијасти кои стојат обединети во неколку кугларски клубови, водат успешно македонска лига, спроведуваат државни првенства, додека најдобрите клубови се секоја година на европската клупска сцена.
1. Да се деблокираме како Федерација и да почнеме редовно да добиваме средства од Агенцијата за млади и спорт
или
2. Клубовите финансиски да партиципираат за своите репрезентативци, давајќи една гаранција како дополнително не би ја заглавиле КФСМ со високите пенали кон WNBA – NBC, светската кугларска федерација.
На истиот состанок претседателите на клубовите се изјаснаа дека се целосно исцрпени финансиски и дека немаат можност никако да помогнат финансиски ниту со свои позајмици кон КФСМ, ниту пак за своите репрезентативци.
Кога и тоа опција беше исцрпена, беше побарано од присутните како поединци, како физички лица да партиципираат во деблокадата на Федерацијата како би излегле од постоечкиот децениски лавиринт. Јавно, најголемиот дел го кажаа своето НЕ, сем неколку поединци кои излегоа со симболични средства кои секако не беа доволни за решение.
Моето лично убедување кое беше јавно презентирано беше дека веќе не смееме да ја форсираме само машката сениорска репрезентација на СП и дека ако веќе се створат услови, да имаме и женска сениорска репрезентација после долга, долга пауза.
Тој состанок заврши разочарувачки и веќе Одлуката за настап на СП беше јасно дека ќе биде негативна, а воедно пропаднаа и неколку паралелни активности кои требаше да бидат ветер во грб на можната деблокада како што е договорениот официјален репрезентативен настап против Босна и Херцеговина во Битола во декември во машка и женска категорија, добрата воља на вработениот генерален секретар како и вољата на десетината доверители и извршители.
Но, спортистот во Нас вриска од тешката ситуација во која се наоѓаме и разбирливо, кај неколку поединци – македонски репрезентативци се роди идеја да се партиципира во дел од казната под услов да не се обезбедат потребните средства за настап. Спортскиот оптимизам над се. Итоа таа идеја и иницијатива се роди во последните 24 часа од рокот за пријавување. Тие средства не беа доволни. Според мене, тоа е крајно несериозен пристап, иако целосно го разбирам тој мотив и сметам дека беше добар основ во последен момент да се принудиме самите себе да направиме „храбар“ чекор. Но храброста е една работа, додека свесната и реална одлука е нешто сосема друго.
Како поединец, индивидуално на свој личен ризик и личен товар без воопшто да бидиме товар на КФСМ, ја однесов женската екипа до 18 години на СП во Крањ, Словенија 2021 и државните прваци до 18 години на Светскиот Куп во Естонија, 2022 година. Знам што значи една група од 16 -18 сениорски спортисти да присуствуваат на СП најмалку 7 дена, па макар и во блиската Хрватска, притоа да биди зачуван дигнитетот и гордоста на секој спортист, репрезент на својата нација со обезбедување на пристојно сместување, да се има соодветна спортска опрема достојна за еден претставник па макар и од една мала земја како што е Македонија, да му се овозможат нормални услови на Селекторот да работи, да тренираат репрезентативците и да се темпира соодветно форма, да имаат контролни натпревари, да се има соодветен превоз, квалитетна храна и секако да се платат потребните котизации за учество.
Желбата за настап на СП е многу голема, разбирливо, зошто се тренира макотрпо, зошто се вложува толку време, енергија и напор, зошто да не настапиме кога имаме мерлив квалитет. Но, според мене, доста ни е од импровизации. Вака веќе не се може!
Или државата ќе го реши деценискиот проблем со Кугларската федерација или истата ќе се ликвидира и ќе се формира сосема нова.
Во деценискиот период на ненормалното работење загубивме многу, загубивме клубови, загубивме куглари, губиме една 8 стазна куглана како што е Борис Трајковски, а на добар пат сме да ја загубиме и Мусандра. Со превземање на исти или слични дејствија од минатото не можеме да стигнеме до решението. Зарем малку жртва беа СК во Естонија, СП во Полска, СП во Словенија, СП во Чешка, зарем мала жртва дадовме за оваа земја? Зарем треба ли до последен момент да не знаеме дали ќе отпатуваме или не? Зарем тоа е во ред? Зарем подобро е тоа од оваа тешка одлука?
Што ќе ни е настапот на СП доколку немаме кој да ги замени тие наши сениорски репрезентативци кои стареат. Што ќе ни се нервите и неизвесноста, финансискиот колапс на клубовите со овие мали вредности на ваучерите без никаква помош од Федерацијата? Без никакво спроведување на осмислена програма за развој, за обука, за усовршување.
Каде сме ние и каде сакаме да стигнеме? Ова прашање ќе треба секој од нас да си го одговори најпрво пред самиот себе.
Оваа тешка Одлука која денес е донесена за неучество на СП во Хрватска – 2023, лично ја гледам како жртва која мора да ја поднесеме за конечно да започнеме нормално да функционираме. Ова нека биди и последен апел до Агенцијата за млади и спорт сериозно да се зафати со решение на деценискиот проблем. ВАКА ВЕЌЕ НЕ МОЖИМЕ!