Интервју на Михајловски за Слободен печат

Интервјуто е целосно превземено од веб страната на слободен печат, автор Фидан Коминовски


И куглањето е еден од спортовите за кои слушаме многу малку во нашата земја, но и кое знае да донесе врвни резултати. Еден од најголемите успеси во историјата на македонското куглање беше освоеното второ место на машката репрезентација, на Светското екипно првенство, одржано во Залаегерсег, Унгарија, 2013 година.

Изминатиот период Македонија на Светскиот куп во Естонија ја претставуваа Стефанија Алексовска и Архан Арслановски предводени од селекторот на нашата младинска кугларска репрезентација, Игор Михајловски.

Арслановски успеа со исклучителна игра да влезе меѓу најдобрите осум играчи на Светскиот куп со резултат 578 (205) пласирајќи се на седмото место.

Разговаравме со селекторот Михајловски околу настапите на Стефанија и Архан, за тоа каква е ситуацијата со куглањето во нашата земја, во која насока да се подобрат нештата за да може овој спорт се крене на повисоко ниво.

Стефанија Алексовска и Архан Арслановски настапија на Светскиот куп во Естонија, колку сте задоволни од резултатите, и колку беше силна конкуренцијата?

– Делимично сум задоволен. Задоволен сум бидејќи овие деца имаат многу малку лигашки натпревари во земјата, без релевантна конкуренција. Недостатокот на тешки натпревари со нивни ривали од други земји пак се одрази на нивната сигурност, тоа многу ни недостига во циклусот на припреми. Од друга страна не сум задоволен бидејќи не го дадоа својот максимумот, посебно Стефанија која беше во одлична форма со резултати дома многу подобри од овие на Светскиот Куп. Имавме и несакана повреда во финалето која го дефокусира Архан да повтори барем резултат од квалификациите, па на крајот едвај го доигра натпреварот постигнувајќи скромен резултат.

Околу конкуренцијата, играа најсилните куглари од 14 земји од Европа, до 18 години, генерално земји со многу богата кугларска традиција и земји кои имаат повеќе лиги што не е случај и кај нас. Земји кои имаат систем за развој на младите куглари со посебни програми, кампови и силна домашна конкуренција. На наше задоволство, покажавме дека и кај нас имаме квалитетни млади куглари кои рамноправно можат да се носат со најдобрите на Светско ниво.

Михајловски вели дека цела деценија кугларската федерација е блокирана, се оди генерално на трошок на одредени клубови и поради такви причини тешко е да се организираат настапи.

– Моменталната ситуација на Кугларската Федерација на С. Македонија е трагична. Цела деценија сметката на Федерацијата е блокирана поради обврски на претходни раководства, и еве 10 години мака мачиме и генерално на трошок на одредени клубови или помали спонзори да обезбедиме можност за настап на македонски репрезентативци бидејќи оние средства кои реално треба да ги добиваме од страна на АМС за репрезентативни настапи не можеме да ги добиваме веќе цела деценија. За многумина безизлезна ситуација, но јас сум од оние оптимисти кои веруваат дека секогаш може да се најде решение нормално ако постои добра волја. Сепак се работи за еден спорт кој има успеси кај нас. Дека има волја говори фактот што токму АМС ја возобнови битолската куглана во 2021 и токму тоа создаде услови битолските куглари посебно во младинските категории да ги има повеќе.

Настапи поради претходно наведените причини нема да има со надеж дека 2023 ќе биде порелаксирана климата и можноста да излеземе екипно со полни репрезентации (сениорски, јуниорски или кадетски).

Верувате ли дека доволно се вложува во македонското куглање, како што објави и федерацијата, немаше да има настап на Стефанија и Архан во Елва без спонзорите и битолските кугларски клубови?

– Според мене сметам дека методологијата за системот на ваучери е многу штететен за помалите спортови кои не бројат толку многу спортисти. Трошоците се исти, но третманот е различен. Секако, куглањето може да биде итоа како атрактивен спорт за спонзори, но тоа е борба која треба самите ние да ја добиеме. Евидентно е дека кај нас спортот се модернизира, веќе има преноси од натпреварите, публиката знае и тоа како да се забавува и тоа е еден добар предуслов својата маркетинг логика да ја пронајдат повеќе компании. Секако и како Федерација (зборувам од позиција на потпретседател) сме отворени за соработка и со малку „ветер во грб“ и поголема јавна поддршка мислам дека можеме многу да направиме за македонското куглање на меѓународна сцена.

Similar Posts