30 факти за 2022 и честитка за 2023 година од Претседателот на КФСМ

30 ФАКТИ ЗА 2022 ГОДИНА

1. Одиграни 7 натпревари од машката МКЛ сезона 2021/22;

2. Одиграни 5 натпревари од женската МКЛ сезона 2021/22;

3. КК Макпетрол прослави 45 години (1977-2022)

4. Осмомартовски турнир во Битола на кои учествуваа сите кугларки од Македонија.

5. Куп на Македонија во Битола, победник кк Макпетрол. Организатор КФСМ.

6. Доделени признанијата на најдобрите екипи во МКЛ и Куп за 2022 година од страна на Предраг Николиќ – претседател на КФСМ

7. Државното поединечно сениорско првенство на Македонија во Мусандра, мај 2022. Младен Донковски и Стефанија Алексовска на тронот

8. Припреми за СК Естонија на У18 со Стефанија Алексовска и Архан Арслановски и он лине работа со спортски психолог проф.д-р Слаџана Анѓелкоска

9. Настап на СК Елва Естонија – 2022 во У18. Стефанија на 12 место, Архан влезе во финале, заврши на 8-мо место.

10. Ја ставивме на пауза една од нашите најдобри кугларки – Тања Трпковска, прво свадба а потоа и мајка

11. Нова управа на КФСМ. Нов претседател Игор Михајловски и нови потпретседатели Игор Герасимовски и Димитар Димитровски

12. КК Вардар го организира последователно својот традиционален кугларски турнир „8-ми Септември“ во Скопје

13.  Нови 9 кола од МКЛ, есенски дел од сезона 2022/23, обединета лига со машки и женски клубови

14. Стипендии од АМС за нашите најталенирани куглари Стефанија Алексовска и Архан Арслановски

15. Остварена средба на Игор Михајловски со Градоначалник на Општина Прилеп и можност за нова куглана во градот под Марковите кули.

16. КФСМ има своја веб страна после подолго време пауза.

17. Обука и лиценцирање на кугларски судии во Скопје

18. Потпишани Меморандуми на битолските клубови со Општина Битола кои се во интерес на КФСМ

19. Настап на Макпетрол и Вардар на НБЦ во Романија. 

20. Тензии околу пријавување на Светско првенство во Хрватска 2023. Победи силната воља на репрезентативците.

21. Пријавување за учество на СП во Вараждин 2023 и СК Ријека 2023

22. Познати противниците во групата на СП. Мажи – Србија, Чешка и Данска. Жени, Австрија, Германија и Франција.

23. Нов машки Селектор на сениорската репрезентација на Македонија е Димитар Димитровски, нов женски Селектор на сениорската репрезентација на Македонија е Перо Гијевски

24. Потпишан Меморандум за соработка со Федерација на училишен спорт, Сојуз на инвалидни лица и Сојуз на спортови на Општина Битола

25. Во Битола се одигра државно сениорско првенство во парови. Победници браќата Димитар и Дарко Димитровски од Вардар и Стефанија Алексовска и Андреа Вељаноска од Пелистер Пин

26. Лиценцирани се кугланата во Битола и Мусандра. Организатор КФСМ.

27. После 20 години, пријателски официјален натпревар во Битола против Босна и Херцеговина – мажи и жени. Организатор КФСМ. 

28. Во Битола У23 првенство, победници Александар Младеновски од Макпетрол и Андреа Вељаноска од Пелистер Пин

29. Натпревар на лица со попреченост на кугланата во Битола. КФСМ партнер.

30. Започна Училишна кугларска лига во Битола со 7 основни училишта и 56 ученици. На крајот победник ОУ Коле Канински.

 

Игор Михајловски - претседател на Македонска Кугларска Федерација

Почитувани куглари, почитувани кугларски работници,

Факт е дека 2022 година беше една од поуспешните кугларски години во изминатиот период. Заеднички успеавме да направиме малку, за многумина, согласно условите, многу. Небитно. Годината 2022 ја испраќаме, а нашиот фокус треба да биди 2023.

Што не очекува и како јас како претседател на КФСМ ја гледам престојната 2023 година:

1. Нови предизвици околу деблокирањето на жиро сметката на КФСМ и подигнување на личната и колективната свест на секој чинител да помогне согласно своите можности. Потребна ни е несебична поддршка и надминување на гледиштата само на својот интерес туку потребна ни е култура и негување на колективниот, заеднички интерес. Очекувам да има изговори многу, но немаме време веќе за тоа, нас ќе не интересираат само дела и само тоа ќе биде вреднувано. Немаме ниту време за задоволување на лични суети. Само и само не интересираат конкретни идеи и дела, комплетно завршени работи, а не половични, ни треба конструктивна критика, критика која ќе не направи подобри. Најповикани, секако членовите на Извршниот одбор на КФСМ.

2. 2023 година ќе биде година на волонтерска работа, како и неколку години после тоа. Тоа е реалност и треба да биди прифатена од сите нас. Секој од нас ќе треба да поклони од своето време, од својата енергија, од своите финансии. Колку сме побројни во оваа идеја, толку ќе бидеме и поуспешни. Само сами можеме да го решиме деценискиот проблем. Да направиме натпревар кој повеќе ќе придонесе и ќе помогне, како позитивен пример за останатите.

3. Славиме 50 години откако постои Федерацијата, токму оваа 2023 година. Мораме да ја направиме првата Монографија на македонското куглање. Помогни, придонеси, биди проактивен да успееме во она што 50 години никој не го направил. 

4. Ќе учествуваме на СК во Ријека. Најдобрите поединци од државните првенства. Ќе учествуваме и на СП во Вараждин. Најсилните и највештите куглари и кугларки. Воопшто нема да биде лесно, ниту финансиски, ниту логистички, ниту кугларски, но со заеднички сили и помош ќе успееме од секого од нас да се извлече својот максимум. Спортските резултати и очекувања во едни вакви услови е неблагодарно да ги поставиме превисоко, но личните очекувања дека секој го дал својот максимум треба да бидат подигнати како никогаш до сега. Спортот е токму затоа убав, бидејќи можни се и невозможните нешта. 

5.  Во Скопје мораме да организираме училишна, средношколска и универзитетска лига. Истото важи и за Битола. За Струга,  согласно условите ќе пробаме да го овозможиме тоа. Никој не ни очекува дека ќе биди лесно или евтино или едноставно. Напротив ќе биде многу тешко, но можно е, Битола е доказ за тоа.

6. Клубовите доколку немаат услови значително да помогнат финансиски на КФСМ, лично сметам дека ќе треба да се откажат од  меѓународните настапи во 2023 година и да ослободат средства како би помогнале на Федерацијата за веќе од 2025/26  година федерацијата да биде во кондиција да им помага на клубовите. Секој изминат ден (3650 дена досега) со блокирана сметка е на штета на самите клубови. Ќе мора да бидеме свесни дека  една ваква жртва ќе биде од голем интерес на секој член на било кој од македонските клубови гледано на долгорочни стази, во интерес на сите сегашни и идни репрезентативци, кугларски школи, клубови, општо на македонското куглање. Да не чекаме подобри времиња, тоа се само бледи изговори. Тоа го знаеме и го чувствуваме на сопствена кожа веќе цели 10 години.

7. Очекувам во натпреварувачката 2023/24 година, да ни се приклучат уште 2-3 нови правни субјекти во МКЛ. Ни требаат и тоа е во интерес на постоечките клубови. Бидете храбри и одлучни и постапете што побрзо во реализација на оваа идеја.

Посакувам на сите куглари и кугларки да имаат добро здравје и да имаат подобри услови за работа на кугларските патеки во 2023 година, да можат да ја подобрат својата игра и да ги зголемат своите перформанси, а на македонските репрезентативци да имаат што подобар настап на СП во Хрватска. На клубовите им посакувам подобро менаџирање и препознавање на нивните активности од страна на стопанството и поголема генерална видливост во пошироката јавност. На кугланите им посакувам да немаат штети и да примат што повеќе нови рекреативци. На сите Ви посакувам поснажен ентузијазам во Новата, кој ќе Ви даде храброст да превземете храбри одлуки без притоа да чекате идеално време. Секој мал придонес денес од секого од нас ќе биде голем за кугларскиот колектив, за колективната свесност утре. Придонесете онаму каде што знаете, онаму каде што сте најсилни, каде што имате знаење и компетенции, каде што имате контакти и влијание. Бидете проактивни, не се штедете. 

На приватен план Ви посакувам хармонизација со најблиските свои, повеќе време и работа на себе, внатрешен духовен мир и да не отстапувате од остварување на вашите сништа. Секој може сe`, но мора длабоко да верува во себе. Љубете и бидете љубени. Нека ни е среќна Новата 2023 година и заеднички да се радуваме на успесите во неа. 

Similar Posts